Прва Страна Цени и услуги Прашања и сугестии English Контакт За нас
Објава - Влада

Владата објави пакет мерки за ублажување на последиците од светската финансиска криза, вреден 330 милиони евра

Скопје, 27 ноември


  Четиригодишно мирување и отпишување на обврските на фирмите по основ на придонеси за задолжително здравствено осигурување, отпис на каматите по основ на персонален доход, данок на добивка, ДДВ, данoци на имот и придонеси за пензиско осигурување под услов обврзниците во целост да го намират главниот долг, плаќање на даночен долг на рати, оданочување на добивка само ако е распределена во дивиденди, намалување на царините пред се за суровините, пониско оданочување на земјоделците, се дел од мерките кои Владата ќе ги преземе со цел да се ублажат евентуалните последици од светската финансиска криза во реалниот сектор во Македонија.


- Владата на синоќешната седница донесе пакет од 10 превентивни мерки за помош на македонското стопанство за да се ублажат евентауалните последици во реалниот сектор кои може да ги предизвика светската финансиска криза. Вкупната поддршка на стопанството изнесува околу 330 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција премиерот Никола Груевски.


Образложувајќи ги мерките што го донесе Владата, тој појасни дека обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување ќе бидат во мирување во наредните четири години, по што, доколку редовно се сервисираат тековните обврски, тој долг во целост ќе биде отпишан.


Фирмите ќе можат да добијат отпис на каматите по основ на повеќе даноци и придонеси, во целост доколку ја исплатат главницата до 31 април 2009, за 75 проценти ако тоа го направат до 31 август и до 50 проценти ако долгот го платат до крајот на годинава.


Предвидено е репрограмирање на даночните обврски, односно фирмите кои имаат потешкотии во работењето да можат даночниот долг да го отплаќаат на рати и тоа најногу до 36. Како гаранција ќе треба да дадат банкарска гаранција во износ од 100 проценти од долгот или хипотека во висина од 250 проценти од долгот.


- Владата донесе одлука и да го одложи за една година стапувањето во сила на одредебите од Законот за платен промет кои забрануваа плаќање за фирми кои имат блокирани сметки, рече Груевски.


Тој информираше дека побарувањата на државата по основ на јавни давачки ќе бидат претворени во траен влог во друштвата ОХИС, ЕМО, Тутунски комбинат Прилеп и Еврокомпозити.


- Се работи за фирми кои долго време имаат акумилирано обврски. Со оглед дека државата има мнозински удел, обврските кон државни институциите ќе бидат претворени во траен влог, со што ќе се санираат состојбите во овие фирми и тие ќе станат атрактивни за продажба на заинтересирани инвеститири кои ќе ја продолжат и прошират дејноста, рече Груевски.


Тој додаде дека мерките предвидуваат оданочување на добивката само доколки биде распределена во дивиденда, за разлика од досега кога се оданочуваше сета добивка која не беше реинвестирана. Владата смета дека таа добивка доколку не е распределена во дививенди ќе остане во земјата и ќе даде позитивни ефекти.


Планирано е и намалување на царините. - Тоа се однесува на суровините за трговијата, економијата, информатичкото општество... Тоа значи дека нашите компании ќе имаат можност да станат поконкурентни со увезување на суровини без царини или со намалени царини, рече министерот за економија Фатмир Бесими.


Меѓу предвидените мерки се и двегодишно пролонгирање на плаќањето данок на камата на штедните влогови и пониско оданочување на земјоделците. Тоа значи дека оние кои имаат добивка до 5.000 евра ќе бидат целосно ослободени од данок, а оние до 20.000 ќе платат само 400 евра данок на доход.


Последната, десетта мерка, е откажување од трошење на парите кои биле наменети за новогодишните празници во сите државни институции, фондови, агенции, јавни препријатија и АД во јавна соптвеност. 


Премиерот Груевски истакна дека Владата и натаму будно ги следи состојбите во оваа сфера и оти е подготвена навремено да презема и други мерки доколку се покаже дека тоа е потребно, како што е закон за 100 процентно покривање на штедните влогови на граѓаните и фирмите во банките. Според него, банкарскиот сектор е стабилен, Македонија е далеку од рецесија, но реалниот сектор може да трпи одредени последици поради тоа што многу македонски компании своите производи ги извезуваат на европскиот и светскиот пазар, каде дел од земјите веќе прогласија рецесија.


- Сериозна поддршка за стимулирање на растот за наредната година ќе се даде и со преструктуирањето на буџетот во насока на зголемување на продуктивните капитални расходи на ниво од 480 милиони евра, наменети за десетици инфраструктурни проекти, рече Груевски.
Македонската влада не очекува дека овие мерки ќе предизвикаат сериозни буџетски импликации.


- Нашата проценка е дека во првата половина од наредната година сите овие ефекти од буџетска гледна точка нема да имаат посериозен ефект од аспект на намирување на буџетските расходи. Кон средината на наредната година, а ако е потребно и порано, ќе биде направен ребаланс на буџетот. Нашата проценка е дека во првата половина од годината трошоците ќе бидат намирени во целост, рече министерот за финансии Трајко Славески.
Владата очекува Македонија во наредната година да задржи економскиот раст и тој да се движи околу 5,5 проценти.


- Нашите проценки се дека економскиот раст ќе биде околу 5,5 проценти, а на меѓународните институции нешто под пет насто. Тој ќе биде онолкав колку што ќе постигне приватниот сектор и капиталните инвестици на државата, рече вицепремиерот Зоран Ставрески, додавајќи дека Владата очекува со новите мерки да се задржи солиден раст со оглед на сотојбите во светот каде економиите се или на работ или во рецесија.


За предложените мерки се потребни законски измени кои Владата веќе ги подготвила, а треба да ги усвои Собранието на Македонија.

Актуелности во бизнисот
Тековни информации
АГОРА-ИНТЕР Застапник и дистрибутер на сите производи од РАДЕНСКА Словенија тел. 070 267 270 и 070 337 269
Агора Интер 070 267 270 и 070 337 269
Агора Интер 070 267 270 и 070 337 269
ЈУГОПРОГРЕС
 
Корисни линкови
 
Содржини
Банери
Visitors: 83169